Турција е против санкции на Русија: „Мора да остане некој да разговара со нив“

25

Ибрахим Калин, портпаролот на турскиот претседател, изјави дека Турција не намерава да се придружи на западните земји во воведувањето санкции на Русија.

Во разговорот за Си-ен-ен Турк, Калин кажа дека Турција секогаш ќе дејствува врз основа на приоритетите на земјата.

„Би требало да постои страна способна за водење преговори со Русија. Кој ќе преговара со Русија ако сите мостови се запалени? Не планираме да воведуваме санкции за да го задржиме каналот за комуникација отворен“, кажа Калин.

Додаде дека Анкара не намерава да носи мерки кои би ѝ наштетиле на самата Турција.

„Одржуваме тесни односи со Русија во секторите како туризам, снабдување со природен гас и земјоделство“, кажа Калин.

Кога станува збор за затворањето на морето за руските воени бродови, Калин истакна дека конвенцијата од Монтро, која на Турција ѝ дозволува блокада на Босфорот и Дарданелите за странски воени бродови, одиграла клучна улога во одржувањето на мирот и стабилноста на Црното Море.

„Ние конвенцијата ја толкуваме на начин кој ни овозможува да спречиме војна на тензии. Исто така сме во консултации со сите страни и за тоа ги известивме. Досега не добивме ниедно барање за минување на воени бродови во Црното Море“, кажа Калин.