Турција: Седат Пекер станува закана за Ердоган

8

Познатиот турски мафијаш кој се наоѓа во бегство, ги обвинува властите за криминал и за тоа дека му помогнале да избега од земјата. Oбвинувањата на Пекер дополнително ја нарушуваат популарноста на претседателот Ердоган.

Мафијашот и „кум“ Седат Пекер (познат и во македонската јавност од пасошката афера, н.з.) со видео пораки ги придоби луѓето на интернет. На платформата Јутуб објави пет снимки – секоја стана вирална и тие практично ги диктираа насловните страници на весниците наредниот ден. Пекер упатува силни обвинувања кон политичарите од владеачката партија, тој вели дека се вмешани во убиства, силувања, шверц со дрога, злоупотреба на моќ и други криминални дејствија. Во исто време, како што вели Пекер, турската влада со години го штитела од кривично гонење, дури од владата добил и полициска заштита.

Во неговите пораки тој особено цели кон министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу. Министерот наводно го предупредил кога против него била покрената истрага, потоа тој побегнал од Турција за да избегне затвор, тврди Пекер во едно од видеата. Сега министерот е на тенок мраз.

Бидејќи властите не ги истражија наводите на Седат Пекер, повиците од страна на опозицијата министерот Сојлу да поднесе оставка се сѐ посилни. Бидејќи досега не е започната истрага, сѐ уште не е јасно што е вистина, а што не.

Пекер, кој избега во странство во јануари минатата година, одамна ѝ е познат на турската јавност. Тој се смета за ветеран на турското подземје, неколкупати одговарал пред суд, а осуден е и за „основање злосторнички организации“.

Снимките на Јутјуб претставуваат дополнително нарушување на имиџот на Реџеп Таип Ердоган. Турскиот претседател долго молчеше. Дури откако со недели во јавноста се зборуваше за снимките на Пекер, Ердоган беше присилен да заземе став. „Нѐ исполнува со тага кога гледаме дека во нашата земја постојат јадни и недостојни луѓе, кои се потпираат на помош од мафијашки банди. Исто како и терористичките организации, и криминалните банди се отровни змии“, рече Ердоган по седницата на владата во минатата недела.

Политикологот Ибрахим Услу од Центарот за социјални студии во Анкара, смета дека изјавата на Ердоган дошла предоцна. „Ако еден човек, кој побегнал од земјата, ја обвинува и навредува владата, владеачката партија АКП мора веднаш да делува и да свика Анкетна комисија во парламентот“, вели Услу. Политикологот смета оти ова е фијаско за партијата на Ердоган и дека кај луѓето останало малку доверба во правосудството и во правната држава.