Турција со осуда за Амбасадата на Косово во Ерусалим

24

Турција ја осуди одлуката на Косово да отвори Амбасада во Ерусалим, истакнувајќи оти таквиот чекор е кршење на резолуцијата на Обединети нации (ОН) за статусот на Ерусалим и штети на мировниот процес за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.

– Отворањето на Амбасадата беше крајно несреќна одлука донесена од лидерите на народот, кој претрпе големи страдања за да ја добие својата независност, се наведува во вчерашното соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се истакнува дека Косово со таквата одлука ги игнорира страдањата на палестинскиот народ, кој со децении живееше под окупација и е под сериозно кршење на човековите права.

– Постапувајќи на овој начин, косовските лидери ги прекршија утврдените параметри на мировниот процес, вклучително и релевантните резолуции на ОН за статусот на Ерусалим и и наштетија на визијата за решение на две држави и мировни надежи во регионот, се посочува во соопштението на турското МНР.

Во соопштението се упатува апел до косовските лидери „да го користат здравиот разум и да отстапат од овој неодговорен и незаконски чекор”.

Турција беше една од првите земји што ја призна независноста на Косово во 2008 година.