Уапсени креаторот и администраторот на ланската „Јавна соба“ – осомничени се за детска порнографија

15

Двајцата, на возраст од 32 и 21 година, од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, како основач и модератор на групата, наместо да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини што се споделуваат од членовите на групата, со умисла дозволиле да се објавува аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете
Креаторот и администраторот на групата „Јавна соба“, која на социјалната мрежа Телеграм беше активна минатата година, од вчера се уапсени, а денеска е донесена наредба за спроведување истражна постапка против двајцата за кривичното дело производство и дистрибуција на детска порнографија.

Се работи за две лица на возраст од 32 и 21 година, за кои Обвинителството бара притвор поради опасност од бегство и можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело.

Тие се осомничени дека од 19.12.2019 година до 28.01.2020 година, како основач и модератор на групата, наместо да се грижат за содржината на текстуалните и аудиовизуелните содржини што се споделуваат од членовите на групата, со умисла дозволиле во групата да се објавува аудиовизуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете.