Уапсен директорот на Грчкиот народен театар: Злоставувал деца

4

Грчки театарски актер, режисер и поранешен управител на Грчкиот народен театар, Димитрис Лигнадис е уапсен под обвинение за сексуално злоставување на неколку деца.

Лигнадис е обвинет за сексуално злоставување на најмалку две деца, вклучувајќи и 14-годишно девојче.

По објавите на грчките медиуми, полицијата вчера го уапси Лигнадис и тој е задржан во притвор во Атина, пренесува Гардијан.

Во присуство на адвокат, Лигнадис на сослушувањето ги негираше обвинувањата.

Поради обвинувањата, Лигнадис на почетокот на февруари поднесе оставка од функцијата во Грчкиот народен театар.

Грчката опозиција остро ги критикува грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и министерката за култура Лина Мендони, кои Лигнадис го поставија на челната позиција во театарот.

Медиумите во Грција деновиве пишуваат за бројни скандали со сексуална злоупотреба, а бран обвинувања на сметка на членови на спортскиот и културен живот иницираше поранешната олимписка шампионка во едрење, Софија Бекатор, која кажа дека во 1998 година била злоставувана од еден водач на Едриличарската федерација на Грција.