Уапсен првоосомничениот за убиството на Тот

3

Првоосомничениот за убиството на ракометарот Денис Тот, Анџело Ѓоргиевски ноќеска е уапсен и спроведен на издржување мерка триесетдневен притвор во затворот Шутка, дознава Слободен печат од извори блиски на истрагата.

Министерството за внатрешни работи утринава го извести Основното јавно обвинителство Скопје дека е лишено од слобода лицето А.Ѓ. по кое се трагаше врз основа на издадена Наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, потврди со соопштеие Јавното обвинителство.

Лицето се предало на органите на прогонот на територијата на Скопје. За осомничениот, по предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје веќе има донесено решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена.​

Ѓоргиевски се бараше со централен распис и со меѓународна потерница, затоа што за него постои основано сомнение дека е извршител на кривично дело убиство. Минатата недела пред ноќниот клуб Привилиџ во градскиот парк, тој му задал смртоносен удар на ракометарот Денис Тот, кој потоа им подлегна на повредите на КАРИЛ.

Ѓоргиевски според странски медиуми, имал проблеми со законот и порано и бил поврзан со кривични дела поврзани со производство на дрога.

Другите двајца осомничени за убиството на Денис Тот, исто така се во притвор. Станува збор за 19 годишна девојка и 22 годишно момче.

Снимките од надзорната камера Сејф Сити, покажаа дека тројцата го удирале ракометарот пред дискотеката, после што тој почина.