Угостителите пред Уставен суд ќе се жалат дека само ним им се забранува да работат

25

Независната угостителска комора пред Уставниот суд ќе ја оспори мерката на владата да забрани до 21 јануари во рестораните, баровите и кафулињата да се организираат новогодишни дочеци. По препорака на Комисијата за заштита од заразни болести, угостителиерите ќе работат само до 18 часот, наместо како што беше досега до 21 часот.

Претседателот на Независната угостителска комора Здравко Јосифовски за Слободен печат вели дека НУК пред Уставниот суд ќе поднесе иницијатива за испитуваење на уставноста на ограничувањето на слободата на работа и движење.

-Селективно ни го ограничуваат работното време, а за други индустрии и занаетчии тоа не важи. Овие одлуки се косат со основните начела на еднаквост и рамноправност. Според нашите проценки, трошоците и загубите на угостителскиот сектор ќе бидат меѓу 18 и 22 милиони евра за 6 ипол илјади објекти. Декември е еден од најдобрите месеци за работа на угостителскиот сектор и вака се генерираат енормни загуби. Во исто време викендиците и приватните станови за кои што граѓаните веќе уплатиле депозити за да прославуваат таму за новогодишните празници, веќе се во паника и почнуваат да им ги враќаат депозитите на оние што уплатиле. Не сакаат да ризикуваат, ни изјави Јосифовски.

Угостителите ќе ги почитуваат сите донесени владини мерки, но нивните економски загуби ќе побараат да им бидат обештетени. Едно од барањата е да се донесе и државна стратегија за 2021 година, за тоа како ќе работат рестораните за организација на свадбени свечености и ноќните клубови кои годинава претрпеа економски колапс. Одговорност угостителите бараат и од Комисијата за заштита од заразни болести.

„Овојпат законски ќе побараме сериозна одговорност од Комисијата од која ќе побараме да ни ги достави записниците од состаноците со сите образложенија зошто се овие мерки селективни и дискриминирачи и зошто додека на угостителите во континуитет им се ограничуваат и скратуваат правата за работа со препораки преку Владини одлуки на други им се даваат само препораки со што преќутно им се овозможува да прават што сакаат и притоа да не сносат никакви последици и консеквенции од своето работење.Се надеваме дека Владата нема да си го приушти задоволството да ги потцени 6.500 угостителски објекти со 35.000 илјади вработени кои секојдневно опслужуваат повеќе од пола милион гости и навреме ќе излезе со покана за бараната средба“, велат од Независната угостителска комора.

Прочитајте и… На Криволак ќе се уништуваат гранатите пронајдени на „Тумбе каде“ во Битола
Оттаму не се задоволни што дури идната година владата ќе размислува да го потпомогне угостителскиот сектор. Угостителите немаат намера и нема да дозволат веќе да се залажуваат со празни и несериозни ветувања како мали деца. Да имате смелост да ветите нешто што е неопходно веднаш и итно да го направите, дека ќе го размислувате следната година е исто како на заразен од Ковид-19 на кој му е неопходен респиратор да преживее да му кажете дека ќе му го дадете на располагање следната недела! Овојпат здружени заедно како угостители ќе ги запазиме сите законски права и процедури во остварување на нашите права во поднесувањето за надомест на штети не само за овие последни рестриктивни мерки туку и за сите останати претходно донесени, вели Јосифовски.

Со владина одлука годинава се забранува организирање на предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и на затворен простор. Општините и работните организации за разлика од порано нема да смеат да организираат прослави за своите вработени. Со мерките се опфатени и верските заедници до кои се апелира да не повикуваат на масовни собири и групирања за време на претстојните верски празници.

Исто така, онаму каде што ќе функционира угостителскиот сектор до 18 часот, тоа ќе смее да се прави со само 30 проценти од капацитетот. На сила е и забраната за собирање на повеќе од четири лица на отворен простор, задолжителното носење маски и одржување дистанца, ротација на јавната администрација на работните места, се со цел да се забави ширењето на коронавирусот во земјава кој би ги оптоварил болничките капацитети.

Текстот е превземен од Слободен Печат.