Угостителите ќе се вратат на работното време до 21 часот ако состојбата остане стабилна, најави Филипче

34

Состојбата во моментов е стабилна, а министерот вели дека е охрабрувачки што резултатите од истражувањето со здравствените работници покажуваат дека над 60 проценти од нив би се вакцинирале против ковид-19

Доколку епидемиолошката состојба остане стабилна, како што е во моментов, угостителските објекти ќе се вратат на работното време до 21 часот, односно нема да има продолжување на мерката со која тие треба да затворат во 18 часот, најави министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето во утринската емисија на националниот сервис МТВ 1.

„Конкретно, да кажам дека угостителите ќе се вратат на работното време до 21 часот, меѓутоа, засега тоа ќе остане какво што е. Сè уште следиме како ќе се развива ситуацијата и согласно анализите во иднина ќе одлучуваме дали ќе има дополнителни намалувања на рестрикциите“, рече Филипче.

Мерката за дополнително скратување на работното време на угостителите во пресрет на празниците беше донесена на 15 декември и, како што беше најавено и претходно, ќе трае до 20 јануари.

Зборувајќи за ситуацијата со епидемијата во гостувањето на МТВ 1, Филипче се осврна и на вакцинацијата за која нагласи дека е охрабрувачки што резултатите од истражувањето со здравствените работници покажуваат дека над 60 проценти од нив би се вакцинирале против ковид-19.

„Исклучително висок процент на здравствени работници се заинтересирани да ја примат вакцината, и тоа е добар сигнал за сите граѓани. Здравствените работници беа на првата линија во борбата и знаат колку е опасен вирусот. Доколку тие се вакцинираат, тоа ќе влее поголема доверба и кај граѓаните“, истакна Филипче.

Министерот нагласи дека вакцинирањето е сериозен и проверен процес, а вакцините се развиени на безбедни и проверени платформи на кои досега се развиваа и сите други вакцини.

Сите вакцини што ќе пристигнат кај нас, уверува тој, се целосно безбедни и граѓаните може да имаат целосна доверба.