УЕФА формира работна група за следење на коронавирусот

16

Важно да се работи со властите, но не и да се крева паника, вели претседателот на ФИФА, Џани Инфантино
Нема најави за промени во врска со плејоф-мечевите во март (Македонија игра против Косово на 26 март во Скопје и евентуално против Грузија/Белорусија на 31 март), како и за пријателските натпревари

На стотина дена до почетокот на Европското првенство (ЕП) во 2020-та, појавата и ширењето на коронавирусот претставуваат потенцијално сериозна закана за завршниот турнир, како и за шампионатите во најсилните лиги, кои се во тек. Поради тоа, Европската фудбалска унија (УЕФА) со Асоцијацијата на европските лиги формира работна група што ќе се фокусира на влијанието на коронавирусот врз натпреварувањата, одложувањата и друго. Генералниот секретар на УЕФА, Теодор Теодоридис, на конгресот на УЕФА во Амстердам, рече дека таа група ќе „работи на прашања поврзани со календарот на натпревари“.

Претседателот на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), Џани Инфантино, кој исто така присуствуваше на конгресот, изјави дека „е важно да се работи со властите, но не и да се крева паника“.
Но претседателот на швајцарската ФА, Доминик Блан, предупреди на сериозните последици врз овој спорт.

– Поради коронавирусот, ние сме во многу непријатна ситуација, тоа може да го потресе професионалниот фудбал до темел – рече тој пред конгресот.
Во Швајцарија се одложени натпреварите во двете најдобри лиги, до 23 март, откако клубовите ја отфрлија можноста да ги играат зад затворени врати. Во Италија, земја што е најтешко погодена од коронавирусот, со над 50 смртни случаи и над 2.000 заразени, минатиот викенд беа одложени неколку натпревари. Но нема најави за промени во врска со плејоф-мечевите во март (Македонија игра против Косово на 26 март во Скопје и евентуално против Грузија/Белорусија на 31 март), како и за пријателските натпревари.

Одлуката на УЕФА, мечевите на ЕП 2020 да се играат во 12 града и во 12 земји, на 60-годишнината од првото ЕП 1960, беше и е амбициозен проект. УЕФА најави дека сите стадиони и транспортни врски се подготвени, дека побарувачката за билети е над сите очекувања и оти нема потенцијални безбедносни закани. Но постои загриженост коронавирусот, со евентуалното натамошно ширење со непознати последици, да фрли сенка на целиот настан.

– Ние сме во контакт со релевантните меѓународни и локални власти во врска со коронавирусот и со неговото ширење. Во моментов нема потреба да се менува нешто, сѐ оди според планираното – изјавија од УЕФА за АФП.
УЕФА соопшти дека примила повеќе од 28 милиони барања за билети за натпреварите, бројка што е двојно поголема од онаа пред ЕП 2016.

Меѓутоа, доколку епидемијата продолжи да се шири, некои навивачи веројатно двапати ќе размислат за патување на натпреварите во земји и во градови низ Европа. Воведниот натпревар на ЕП 2020, Италија-Турција, треба да се одигра во Рим, в петок, 12 јуни. Од 12-те стадиони, новоизградена е само арената „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта. На „Вембли“ во Лондон ќе се играат двете полуфиналиња и финалето.