Укината е состојбата на зголемена борбена готовност на Армијата на Србија

6

 

Состојбата на зголемена борбена готовност во вооружените сили на Србија е укината со одлука на претседателот и врховен командант Александар Вучиќ.

Борбената готовност беше прогласена на 26 декември поради ситуацијата на северот на Косово. Тогаш Вучиќ како врховен командант на српските вооружени сили нареди војската и сите единици на МВР да бидат на највисоко ниво на борбена готовност.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изрази „голема благодарност до претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Србите од Косово и Метохија“ што, како што наведе, „нашле сила да одговорат на бруталниот терор и агресија со речиси безгранично трпение, посветеност на мирот, мудрата политика и дијалог со сите оние кои на кој било начин можеле да придонесат за зачувување на мирот“.

– За жал, верувам дека тука не е крајот на провокациите на Курти, но се надевам и верувам дека меѓународната заедница ќе се погрижи постигнатите договори во последните 24 часа да се почитуваат за да се зачува овој момент на мир и стабилност, како би се свртиле кон исполнување на Бриселскиот договор, напиша таа на Твитер.

Брнабиќ им се заблагодари и на меѓународните партнери кои помогнаа да се зачува мирот.

Специјалниот претставник и шеф на мисијата на Обединетите нации на Косово (УНМИК), Каролин Зијаде ги поздрави сите мерки за смирување на тензиите на северот на Косово, вклучително и отстранувањето на барикадите.

Таа оддаде признание на макотрпните напори на сите страни, вклучително и меѓународните партнери, да се осигура безбедноста на населението на Косово во сите заедници.

Зијаде ја истакна важноста од почитување на обврските и продолжување на разговорите со цел целосно решавање на отворените прашања и нормализирање на односите без одлагање, се наведува во соопштението на УНМИК.

Се очекува денеска отстранување на барикадите на северот на Косово. Засега е отстранета барикадата на пунктот Мердаре од правец на Куршумлија. Во текот на ноќта биле опожарени два камиони кои биле поставени на мостот кај Дудиниот крш како блокада на патот.