Украина им кажа на своите граѓани веднаш да ја напуштат Русија

0

Украинското министерство за надворешни работи апелираше до своите граѓани да не ја посетуваат Русија и ги предупреди Украинците кои се на територијата на оваа држава, веднаш да ја напуштат.

Интензификацијата на руската агресија против Украина, значи дека нашата држава нема веќе да може да обезбедува конзуларна помош за Украинците во Русија, соопшти министерството.

Оваа одлука ќе има последици на животите на најмалку 3 милиони Украинци кои во моментов живеат во Русија. Многу Украинци истовремено имаат членови на семејствата во двете држави.

Истовремено, во видео пораката до нацијата, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потврди дека потпишал наредба за делумна мобилизација на воените резервисти, инсистирајќи дека во моментов нема потреба од целосна мобилизација.

Украинците се мирољубиви, порача Зеленски, но и додаде:ако денеска бидеме мирни, утре ќе исчезнеме.

По руската одлука за признавање на сепаратистичките региони во Украина и вчерашните санкции од Западот против официјална Москва, сите очи се вперени кон Русија, поточно нејзиниот лидер Владимир Путин.

Она што најмногу ги загрижува Западните сојузници е неговото тврдење дека Кремљ ги признал ткн народни републики во Доњецк и Луганск, во границите во кои тие прогласија независност, што е многу поголема територија од онаа која ја контролираат во моментов и на пример го вклучува и пристаништето на Црното Море, градот Мариупол.

Во видео пораката до нацијата по повод денот на бранителот на татковината, Путин го обвини Западот дека го игнорирал апелот на властите во Москва да биде изграден стабилен систем на безбедност, кој би служел за одбрана на сите земји

Тој додаде и дека Русија останува отворена за дипломатски решенија, но не по цена на безбедноста на граѓаните на својата држава.

Пред целосен колапс се и сите дипломатски обиди за пронаѓање излез од безбедносната криза. Русите уште пред два дена најавија дека најавите за самит Бајден –Путин се бесмислени, без реални шанси за напредок а САД, откако вчера го објавија првиот бран санкции против Русија, го откажаа и самиот на претседателите, но и средбата Блинкен Лавров која требаше да се одржи утре во Женева.

Шефот на Украинската дипломатија на твитер ги поздрави санкциите против Русија, истовремено барајќи нивно засилување, веднаш и без одлагање.