Украина: Предложените хуманитарни коридори се „неприфатливи“

0

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук ги нарече „неприфатливи“ предложените руски хуманитарни коридори.

Од четирите градови споменати во предлогот на Русија, само Мариупол и Суми имаат рути за евакуација кои водат до други делови на Украина. Сите други рути водат директно до Русија или Белорусија, клучниот руски сојузник во војната.

„Ова е неприфатлив начин за отворање хуманитарни коридори. Нашите луѓе нема да одат од Киев во Белорусија за потоа да бидат пренесени во Руската Федерација“, рече Верешчук.

Во текот на ноќта во неделата, Русија испрати писмо во кое предлага привремен прозорец за прекин на огнот од 10:00 часот по руско време (07:00 GMT). Како одговор, Украина и ги испрати на Русија своите услови за рутите, поточно отворањето на коридори за евакуација на луѓето на запад од Украина – далеку од Русија.

Верешчук ги повика САД, ОК и Франција за помош во воспоставувањето на коридорите.

На украинските граѓани треба да им се дозволи да ги напуштат своите домови преку украинска територија, изјави портпаролот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.