Украинската армија соопшти дека соборила 45 дронови на новогодишната ноќ

14

 

Украинските воздухопловни сили денеска соопштија дека собориле 45 дронови од иранско производство, лансирани од Русија на новогодишната ноќ.

– Ноќта на 31 декември 2022 година кон 1 јануари 2023 година, руските освојувачи ја нападнаа Украина со дронови камикази „Шахед-131/136“ од иранско производство, соопштија украинските воздухопловни сили.

Според нив, 13 дронови биле соборени пред полноќ и 32 по полноќ.

Не е прецизирано дали други дронови ги погодиле нивните цели.

Шефот на киевската полиција Андриј Небитов објави фотографија на Фејсбук на која се гледаат остатоците од еден дрон на кој пишува „Среќна Нова Година“ на руски.

– Тоа е сè што треба да знаете за терористичката држава и нејзината армија, напиша тој.

Од друга страна, проруските власти во источна Украина соопштија дека еден цивил е убиен при украинско гранатирање денеска во Јасинувата, во областа Доњецк.

Според нив, цел на украинската армија бил и Доњецк и соседниот град Макејевка, нешто по полноќ, и биле ранети 15 лица.