Унгарија одби да повика на прекин на огнот меѓу Израел и Хамас

6

Шефовите на дипломатиите на Европската Унија повикаа вчера на прекин на огнот меѓу Израел и палестински Хамас и ја зголемија хуманитарната помош за Газа, но не успеаја да постигнат единствен став кој на блокот би му дал влијание во мировните напори.

Унгарија, најблискиот сојузник на Израел во блокот одби на видео-состанокот, кој го свика шефот на дипломатијата на ЕУ Жосеп Борел, да се придружи на 26-те министри во повикот на прекин на огнот.

Сепак, останатите министри ветија дека ЕУ ќе се обиде да го обнови мировниот процес заедно со САД, Русија и Обединетите нации.

„Најмалку што можеме е да се обидеме да постигнеме прекин на огнот, потоа да обезбедиме хуманитарна помош, а потоа да видиме што е можно да се направи за обновување на блискоисточниот мировен процес за да се позабавиме со причините на насилството“, кажа за Ројтерс шефот на малтешката дипломатија Еварист Бартоло.

„Не можеме да им дозволиме на екстремистите од двете страни да се хранат едни со други и да ја одредуваат агендата“, кажа тој.

Францускиот министер за надворешни работи Жан Ив ле Дријан им кажа на новинарите во Париз дека блискоисточниот квартет посредници, кој се состои од ЕУ, Русија, ОН и САД, е вистинскиот форум за обнова на израелско-палестинскиот мировен процес, прекинат во 2014 година.

„Мораме што е можно побрзо да го придвижиме мировниот процес и да најдеме пат кон дијалогот“, кажа тој.

Неделите на израелско-палестински тензии прераснаа во оружен судир на почетокот на минатата недела, а Турција е особено гласна во критики на неуспехот на Западот брзо да реагира, истакнува Ројтерс.

Вашингтон веќе подолго време е клучниот посредник во мировните напори на Блискиот Исток, но претседателот Џо Бајден не ја поддржа јавно идејата за прекин на огнот до разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот.

ЕУ е најголемиот трговски партнер на Израел и голем донатор на помош на Палестинците. Меѓутоа, блокот не сака да го користи тоа влијание или да дискутира за можни економски санкции за израелската влада.

Најмалку осум помали членки на ЕУ, на чело со Луксембург а вклучувајќи ги Белгија, Ирска, Малта и Финска, постојано гласно застануваат во одбрана на Палестинците. Неколку белгиски пратеници повикаа неделава ЕУ поради новата ескалација на насилствата да воведе забрана за патувања и да го замрзне имотот на израелски политичари.

Германија, која и понатаму го носи товарот на вината поради нацистичките злосторства во Втората светска војна, не сака да разговара за мерки на присила против Израел, но вчера вети 40 милиони евра помош за цивилите во Газа.

Други држави, како Унгарија, Чешка, Австрија, Грција, Кипар и Полска зборуваат во корист на Израел.

Нетанјаху во унгарскиот националистички премиер Виктор Орбан најде сојузник спремен да ги блокира соопштенијата и акциите насочени против Израел.