УНЕСКО: Секое трето училиште во светот без пристап до чиста вода за пиење

2

 

Речиси секое трето училиште во светот нема пристап до чиста вода за пиење и основни санитарни услови, наведува Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).

„Учениците подобро учат во безбедни и здрави училишта. Сепак, многу училишта сè уште ги немаат капацитетите потребни за здравјето на учениците“, изјави директорката на УНЕСКО Одри Азулај.

Поради тоа УНЕСКО апелира до меѓународната заедница да ги поддржи земјите кои не можат да обезбедат такви услови.

Според податоците, речиси 584 милиони деца во моментов имаат само ограничен или никаков пристап до чиста вода за пиење и санитарни јазли. Околу 40 отсто од нив живеат во субсахарска Африка.

УНЕСКО наведува дека мерките за здравјето и исхраната на учениците доведуваат до тоа децата почесто да доаѓаат на училиште и да престојуваат таму. Само редовните оброци во училиштата веќе ја зголемија стапката на упис во училиштата за девет проценти.