Ураганот Лора удри во САД : Кој не се засолнил , нема да преживее (ВИДЕО)

50

Ураганот Лора, која се засили од категорија 1 до категорија 4 на скала од 5 за само еден ден, го погоди американскиот брег. Метеоролозите го опишаа како „исклучително опасен“.

Ако ветровите што Лора ги носи со себе се зајакнат за уште 11 километри на час, ураганот ќе достигне категорија 5. Според Си-Ен-Ен, Лора е веќе посилна од катастрофалниот ураган Катрина што ги погоди САД во 2005 година.

Повеќето жители на Порт Артур во Тексас се евакуирани, рече градоначалникот Турман Барти, предупредувајќи дека службите за итни случаи не ќе можат да им помогнат на оние што одбиле да се евакуираат.

„Мојот главен приоритет беше да ги одведам луѓето на безбедно. Фала му на Бога, успеавме да евакуираме меѓу 70 и 80 проценти од населението“, рече тој.

Во Тексас, ветровите веќе дуваат посилно од 100 километри на час, а дождот е засилен.

Првиот удар на територијата на САД се случи во Камерон, Луизијана.

„Катастрофални приливни бранови, екстремни ветрови и поплави веќе се случуваат во делови на Луизијана“, се вели од Центарот за национални урагани.

Ураганот се наоѓа на 30 милји од езерото Чарлс. Дуваат ветрови од 250 километри на час. Во текот на следните неколку часови, ураганот се очекува да се пресели во внатрешноста на Луизијана, а потоа да се упати кон север во четврток попладне по локално време.

Повеќе од 103,000 домаќинства во Тексас и Луизијана се без електрична енергија, а тој број се очекува да се зголеми. Властите предупредуваат дека некои области со денови би можеле да бидат без електрична енергија.

Градоначалникот на обкаста околу езерото Чарлс во Луизијана изјави дека не успеале да евакуираат доволно луѓе.

“Ние направивме сè што можеме. Се плашам дека не успеавме да евакуираме доволно луѓе. Ако не сте во засолништата кога ураганот ќе удри, ќе се удавите. Нема шанси да го преживеете ударот ако не сте во засолниште”, рече Ник Хантер.