Уставните судии изгласале 35 проценти додаток на плата без да ги изгласа Собранието

52

Уставните судии на 22 октомври сами си изгласале додатоци во висина до 35 отсто од месечната плата за да бидат исти како судиите и обвинителите, но направиле преседан. Додатоците си ги вметнале во Деловникот за работа на Уставниот суд, место парламентот да им ги изгласа со закон, објави САКАМДАКАЖАМ.

Одлуката била донесена на 22 октомври, а како што објасниле од таму, сакале да имаат исти права како преостанатите судии и обвинители.

За уставните судии не постои таков закон, како за судиите и обвинителите, чии надоместоци се регулирани со посебни закони за плати, поради ризиците кои ги носи нивното работење.

Уставните судии земаат поголеми плати од обвинителите и од редовните судии во основните, апелационите, управните судови и во Врховниот суд, а и нема ризик по нивната работа бидејќи не сослушуваат обвинети, не одредуваат притвор, не судат за организиран криминал, ниту за корупција, убиства, силувања, педофилија.

Надоместоците од 35 отсто ќе следуваат за посебни услови за работа, постоење на висок ризик и доверливост.