Утре ВМРО-ДПМНЕ ќе протестира против неправда, реваншизам и насилство

6

Ова ќе биде петти протест што го организира најголемата опозициска партија од 9 септември наваму. Три беа против покачување на цената на струјата, а еден „За ЕУ, за Гоце Делчев и за Македонија“
ВМРО-ДПМНЕ утре во 18:30 часот ќе организира нов протест, најави лидерот Христијан Мицкоски на Фејсбук. Овој пат протестот е против неправда, реваншизам и насилство на, како што вели, мафијата на Заев. Ќе започне од пред Министерството за правда и ќе заврши пред Кривичниот суд.

Во објавата, Мицкоски набројува дека протестот е поради: судски одлуки што се носат по наредба на Заев, поради тоа што судството го штити криминално, за проектот на бизнисменот Дака во Тетово, за случајот со Еуростандард банка, за тепање критички новинари и за прогон кон медиуми и ВМРО-ДПМНЕ за законско рекламирање, додека обвинителството молчи за непокриени стотици илјади евра во извештаите на СДСМ.

„Поминаа 4 години, оваа иста, стара и потрошена влада направи ли вистинска борба против криминалот и корупцијата или станаа мафија?“,вели Мицкоски на Фејсбук.

Ова ќе биде петти протест што го организира најголемата опозициска партија од 9 септември наваму. Три беа против покачување на цената на струјата, а еден за, како што беше најавен, „За ЕУ, за Гоце Делчев и за Македонија“.