Утре нова средба за законот за ЈО, партиите заглавени во своите позиции

9

Опозицијата не отстапува од барањето, во законот за Јавно обвинителство да се вметнат и забелешките на правниците од јавната дебата, власта инсистира законот по секоја цена да се донесе пред распуштањето на Парламентот. Партиите не успеваат да постигнат компромис околу тоа, кој треба да го предводи Јавното обвинителство за организиран криминал, дали обвинителите од поранешното СЈО треба да преминат во ова обвинителство и со тоа, да продолжат со работа на старите предмети и многу други спорни прашања, за кои опозицијата обвинува дека водат само кон продолжување на легализираниот криминал на Специјалното обвинителство во формата на ОЈО.

Од ВМРО-ДПМНЕ беше побарано, до вчера напладне да достават амандмани, но тоа не го сторија, барајќи повеќе време. СДСМ се решени да го донесат законот и без нив.

Денеска и министерката Рената Дескоска им испрати писмо на ВМРО-ДПМНЕ. Им порача, ако мислат дека има потреба од измени на текстот на законот, да се посветат на подготовка на амандмани. Само така, вели, ќе покажат дека се подготвени да ги стават интересите на евроинтеграцијата пред личните интереси на обвинетите и осомничените криминалци од нивните редови. За утре е закажана нова средба на работните групи.