Утре нови протести против поскапувањето на струјата

45

Утре нови протести против поскапувањето на струјата. Денеска истекува рокот од 10 работни дена, во кој граѓаните побараа да се повлече одлуката за повисока цена на струјата од 7,4%. Ова се трети по ред протести, а освен во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, ќе се протестира и во Прилеп и Битола.

“Мислам дека и другите градови во државата треба да се приклучат поради тоа што не верувам дека тие се многу богати и не им смета ова или не верувам дека имаат поевтина тарифа од овие градови”, вели Арианит Џафери, член на организациониот одбор за протестите.

Граѓанските здруженија бараат поевтинување на струјата за 46%, потоа да се формира независно арбитражно тело кое ќе ја контролира услугата, што потрошувачите ја добиваат од енергетските компании, но и да се укине Регулаторната комисија за енергетика.

Во врска со последното барање, пред два дена по лидерската средба, мандатарот Зоран Заев ги повика пратениците да не ја укинуваат Регулаторната комисија. Заев изјави дека струјата во нашата држава е меѓу најевтините во регионот, дури и ако се спореди со просечната плата.

“Се работи за независно регулаторно тело. Одлуките Регулаторна ги носи врз основа на аргументите, на пресметковната цена на производителот на струја, а тоа е ЕСМ, на дистрибутерот на струја, односно МЕПСО и ЕВН. Јас ги видов сите аргументи и образложенија на РКЕ и мислам дека македонскиот Парламент не треба да посегнува по никакви одлуки за нивно разрешување. Отворени сме за дебата, ќе разговараме многу за сите овие прашања”, изјави Зоран Заев завчера по лидерската средба.

За организаторите на протестите е несфатлива таквата изјава.

“Како прво, ако е независно тело, зошто им треба одбрана од страна на господинот Заев, од премиерот на државата. Второ, пратениците не се избрани од страна на господинот Заев, пратениците се избрани со гласови на народот. Народот е тој што е погоден од ваквите некоректни, нечовечки однесувања на Регулаторната комисија. Со поскапувањето на струјата нашите фамилии се погодени, нашата економија, не знам колку се погодува економијата на господинот Заев. Но, во државата има многу луѓе кои ги изгубија работните места и немаат никакви примања. И да се поскапува цената од страна на Регулаторна во вакво време, значи тоа е неодговорно. Јас уште еднаш ќе ги повикам пратениците да работат за граѓаните кои ги гласаа. Тие бараа наши гласови, ги добија нашите гласови. Сега нас ни требаат нивните гласови за да ја укинат Регулаторната и да стават крај на ваквото нечовечно, неодговорно однесување и на РКЕ, но и на компаниите што продаваат струја и ги погодуваат граѓаните по џебови”, изјави Џафери.

Според организаторите, утрешните протести нема да се одвиваат на вообичаен начин, туку ќе имаат малку поинаков карактер.