Утре продолжува изборот на уставни судии откако за блокадата заседаваше Кацарска со државниот врв

6

Изборот на уставните судии веќе утре или најдоцна задутре ќе се најде на Комисијата за избори и именувања, потврди за „Слободен печат“ претседателката на Комисијата Марија Георгиевска откако вчера на покана на претседателката на Уставен суд Добрила Кацарска за блокадата на изборот на четири уставни судии се состана државниот врв – шефот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и претседатрелот на Собранието Талат Џафери.

Греоргиевска вели дека продолжението на седницата на Комисијата за избор на судиите се одолговлекло поради обврски на членови на Комисијата.

-Заради обврски на членови на Комисијата надвор од државата и поради закажани пленарни и седници на комисии не беше закажано продолжението на седницата за избор на уставни судии. Утре или задутре ќе ја закажам седницата. На претходната седница беа доставени девет предлози за уставни судии и тоа три од мнозинството и шест од опозицијата. Биографиите на предложените кандидати се доставени до пратениците и очекувам дека расправата ќе биде конструктивна – вели Георгиевска.

На прашањето зошто се дозволи претседателката на судот да мора да интервенира кај државниот врв за избор на судии, кога тоа е работа на пратениците, односно на Собранието, Георгиевска вели:

-Како што успеав да видам на средбата се разговарало и за дополнителни активности и иницијатив на Уставниот суд и се спомнал и застојот за избор на уставните судии. Се надевам дека во најкус можен рокн ќе се изберат уставните судии.

Кацарска по состанокот со државниот врв изјави дека ако до крајот на годината Уставниот суд не биде комплетиран тогаш на државата и се заканува уставна криза.

На Уставниот суд му фалат четворица судии и тој сега функционира само со пет, што е на работ од потребниот кворум за одржување седници. Поради ваквата ситуација, за дел од предметите не може ни да се носат одлуки бидејќи нема мнозинство гласови.

Предлози за уставни судии се Љубомир Јовевски, Саво Климовски, Татјана Васиќ, Фатмир Скендер, Родна Живковска, Бранко Секуловски, Тодор Витларов, Весна Јовановска и Војислав Димовски.