Учебникот Географија за втора година гимназиско образование е повлечен од употреба

22

Учебникот Географија за втора година гимназиско образование е повлечен од употреба и од денеска нема да се користи во наставата. Решението на стручната Комисија за повлекување на спорниот учебник, денеска го потпишала министерката за образование и наука Мила Царовска.

Заменик-министерот Арафат Шабани на прес-конференција рече дека учебникот е повлечен поради неточна содржина, а и навредлива за Албанците и дека и во иднина од наставата ќе се отстрануваат учебници со несоодветна содржина.

Соопшти дека комисијата била составена од членови од повеќе образовни институции и професори по географија од ПМФ, а нејзиниот претседателот бил од Институтот за географија. По повлекувањето на овој учебник, рече, средношколците ќе учат од дидактички материјали додека не се изработи нов и посочи дека ќе има целосна реформа на учебникарството и се подготвува нов закон за учебници. Пропустите во учебниците, додаде Шабани, ќе бидат системски решавани со ревидирање на тие што имаат недостатоци.

Комисијата која донесе одлука за повлекување на овој учебник, кој бил одобрен по наставна програма од 2002 година, констатирала дека учебникот по географија е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат на дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата, а исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република Северна Македонија, што е спротивно на Законот за учебници за основно и средно образование.