Учениците повторно на настава, почнува второто полугодие од училишната година

21

По три недели зимски распуст, учениците од основните и средните училишта денеска се враќаат на настава, дома пред ИТ-уредите или во училишните клупи, за да го продолжат второто полугодие од учебната 2020/2021 година.

Според Министерството за образование и наука, комбинираниот модел бил успешно воспоставен во првото полугодие и затоа нема да се менува во вториот дел од учебната година.

Во првото полугодие најголем предизвик беше како наставниците ќе се снајдат со онлајн-наставата. Но, овој предизвик е надминат и второто полугодие го продолжуваме по веќе воспоставениот хибриден модел: онлајн, со физичко присуство и со следење часови преку телевизија – изјави пред два дена министерката за образование, Мила Царовска, во телевизиско гостување.

Оценката на МОН е успешно прво полугодие, текот на наставата се одвивал според планот, оценувањето е завршено навреме, над 90 отсто ученици имале онлајн-настава, а помалку од еден процент од наставниците и учениците во наставата со физичко присуство биле активни на Ковид-19.

Согласно со измените на Календарот за организација на работата на училиштата (основни и средни), првото полугодие оваа учебна година почна еден месец подоцна, односно на 1 октомври, а бројот на наставни денови е намален од 180 на 159.