Ученици и студенти од Центар добитници на наградата „Феникс“ за 2022 година

0

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска ја додели годишната награда на општината, „Феникс“.

Во салата за состаноци на Советот, признание добија десетмина ученици и студенти, кои се истакнале во различни спортски дисциплини, во стопанството, уметноста, образованието, како и во други области на трудот и творештвото и покажале исклучителни резултати на натпревари.

– Добивањето награда е причина за задоволство, не само за оние кои ја примаат, туку и за оние кои ја доделуваат. Како градоначалник на Општина Центар, сакам да ви оддадам признание за тоа што покажавте како со успех може да се спојат училишните обврски, умешноста и знаењето. Вашите постигнувања веќе се пример за врсниците, но и за повозрасните, им порача Герасимовски на победниците.

Тој им посака на младите со ист интензитет да продолжат да го надградуваат својот талент преку училишните клупи, на спортските терени, во просторот на уметноста.

За нивните постигнувања, диплома и паричен износ од 16.000 денари добија Петар Ацевски за постигнувања во спортот – фудбал, Ева Малиновска за постигнувања во културата – музика, Ана Левеска за постигнувања во науката – биологија, Кристијан Јанев за постигнувања во спортот – тенис, Стефан Новковски за постигнувања во спортот – тенис, Теона Димитриевска за постигнувања во класичниот балет, Марио Брезовски за постигнувања во спортот – триатлон, Мила Христовска за постигнувања во музиката, Петар Бошку за постигнувања во образованието и Лука Дворник за постигнувања во спортот – пинг-понг.