УЈП го посетиле Боки 13-ка во притвор – не признавал дека затајувал данок

12

Инспектори на УЈП го посетиле Бојан Јовановски во затворот во Шутка, објави Телма. Вчера му ги донеле записниците од контролата во неговата невладина Меѓународен Сојуз, но тој одбил да ги прими со образложение дека си дал неотповиклива оставка од претседателското место. А во нив се откриени затајувања на даноци на парите кои се исплаќале за наводните комплекси за возрасни лица.

УЈП утврдило дека токму Боки 13-ка и наложил на авторската агенција парите од фирмите „Пелистер“ и „Дрим билдинг“ наместо да ги уплатат на невладината, да ги дадат на пензионерката Лилјана Тодорова и Јасна Мандиќ. УЈП утврдило дека намерата била да не се прикаже приходот на Меѓународниот сојуз, наоди со кои Боки 13-ка не се согласил при вчерашната посета.

Но, УЈП влегла и во сметководството на 1 ТВ и во БМЈ груп кои исто така се поврзуваат со случајот „Рекет“. Додека Боки 13-ка е во притвор телевизијата му го фактурирала мебелот од неговата канцеларија. Се работи за скапи комоди, фотелји, кујна, опрема и телевизори на кои не им се знае трагата каде завршиле. Во моментот кога УЈП биле таму не се затекнати.

Како што дознава Телма, во телевизијата се фактурирале и услуги поврзани со дејност која не е телевизиска. Скапи одмори, хотели, патувања за луѓе кои не се вработени таму. Се купувале накити и часовници, а се промовирале и концертите на две пејачки од регионов, Северина и Марија Шерифовиќ.

Малверзации се утврдени и при исплатата на аванс за дивидендата. Наместо 1тв да ја исплати на БМЈ медиа груп, телевизијата авансот го пуштила на личната сметка на управителката Јасна Ерцеговиќ. Се работи за милионска сума на денари, но од УЈП не откриваа колку.  1тв исто така дало милионски позајмици на БМЈ груп кои не се вратени а данок не е платено. На последниот состанок во телевизијата се појавил заинтересиран човек да ја превземе телевизијата со сите нејзини долгови. Кој е човекот не се открива, но велат дека до сега не бил во медиумскиот бизнис. Сепак тој имал само склучено договор, но во централниот регистар не е внесен како нов сопственик.

Во БМЈ медиа груп пак инспекторите на УЈП исто така утврдиле дека не се плаќало данок на набавка на опремата, не се евидентирале приходи и промоција на концерти на Северина и Шерифовиќ, а било дадено и позајмица на таткото на Боки 13-ка, Миле Јовановски кој всушност е еден од сопствениците на БМЈ груп.

Телевизијата беше сместена во објект на Томато продукција па инспекторите го преиспитувале и нејзиното работење. Не откриле проблем во изнајмувањето на просторот и опремата што месечно чинела 4 илјади евра, но откриле нерегуларности со изградбата на објектот уште во 2009 та година и нејзиното префрлање на име на сопругата на сопственикот на продукцијата.

Сега УЈП ќе поднесе три кривични пријави за невладината Меѓународен Сојуз, за БМЈ груп и Томато продукција, како и за нивните одговорни лица. Се истражува и работењето на уште една фирма која е поврзана со случајот, но за сега од УЈП не откриваат која.