Фаучи: Вакцината ќе биде достапна во ноември

26

Д-р Ентони Фаучи, американски епидемиолог и советник на Белата куќа, изјави дека вакцината против коронавирус би можело да биде произведена во октомври, но поголеми се шансите дека тоа ќе се случи во ноември.

Тестирањето на вакцината е во третата фаза и тој рече дека ова е еден од најдобрите работи што ги направиле Американците, наведува The Guardian.

Овој епидемиолог претходно истакна дека вакцината за COVID-19 ќе биде „широко достапна“ и ќе биде на располагање на сите на кои им е потребна.

Од СЗО велат дека ова е најтешката пандемија досега. Во САД се регистрирани повеќе од 4 милиони случаи на заразени со коронавирус.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера во Северна Каролина се појави со маска на лицето и зборуваше за можноста за добивање вакцина против коронавирусот до крајот на годинава, додека се обидуваше да ги убеди гласачите на оваа сојузна држава дека добро управува со кризата.

Трамп, чија популарност опаѓа во последните неколку месеци, бидејќи многу Американци веруваат дека лошо управува со пандемијата, го смени својот досега лежерен однос кон заразата.

-Верувам дека сите Американци ќе ја направат вистинската работа, но ние ги советуваме да се фокусираат, особено на одржувањето на социјалната дистанца и личната хигиена, да ги избегнуваат масовните собири и барови и да носат маски таму каде има потреба за тоа, рече Трамп за време на обиколката на фабриката „Фуџифилм“ во Морисвил, во Северна Каролина, во која се спроведува дел од истражувањето за новата вакцина. Трамп носеше маска додека ги разгледуваше постројките во фабриката.

-Слушнав многу добри работи. До крајот на годината мислиме дека сме на добар пат да успееме, рече американскиот претседател, осврнувајќи се на развојот на вакцина против коронавирус.