Фаучи е идиот, да го слушавме него ќе имавме уште 500.000 мртви од ковид-19, кажа Трамп

18

Доналд Трамп жестоко го нападна водечкиот американски експерт за заразни болести Ентони Фаучи на две недели до претседателските избори, тврдејќи дека доколку ги слушаше неговите совети, стотици илјади Американци повеќе би починале од ковид-19.

Овој напад уследи откако Фаучи во неделата кажа дека не е изненаден што Трамп се заразил со коронавирусот.

„Луѓето се уморни од слушањето на Фаучи и на сите тие идиоти. Сите тие идиоти грешат. Тој има 500 години. Доколку го слушавме него, во Америка ќе имаше 700.000-800.000 мртви од ковид-19“, кажа Трамп на вчерашниот предизборен митинг во Аризона.

Фаучи е директор на Националниот институт за алергии и заразни болести од 1984 година и заштитно лице на Кризниот штаб на Белата куќа за борба против коронавирусот и често отворено се спротивставуваше на ставовите и тврдењата на Трамп.

„Фаучи е катастрофа. Луѓето се уморни од пандемијата и од тоа како медиумите ја покриваат. Бајден е тој кој сака да ја затвори земјата, тој го слуша Фаучи“, додаде Трамп.

Трамп и Бајден ќе ја имаат последната ТВ-дебата в четврток, на која микрофоните ќе им се исклучуваат кога другиот кандидат ќе зборува.