„Фајненшл тајмс”: Трета доза од „Астра-Зенека” дополнително ја засилува ефикасноста на вакцината

19

Весникот цитира изјава на лице упатено во резултатите од истражувањето, кое вели дека реакцијата на антителата на дополнителната доза од вакцината е „доволно силна против која било варијанта на коронавирусот”.

Третата доза од вакцината против Ковид-19 на компанијата „Астра-Зенека” и Универзитетот во Оксфорд се покажа добро во производството на антитела и дополнително ја зголеми ефикасноста на вакцината кај учесниците во истражувањето, соопшти денеска весникот „Фајненшл тајмс”.

Веста доаѓа во момент кога производителите на вакцини предупредуваат дека на светот најверојатно секоја година ќе му треба довакцинација (дополнителна доза) или нови вакцини за зајакнување на нивниот ефект како резултат на развојот на новите мутации и варијанти на вирусот, иако некои научници се сомневаат во оправданоста и потребата од трета доза, пренесуваат британските медиуми.

Весникот цитира изјава на лице упатено во резултатите од истражувањето, кое вели дека реакцијата на антителата на дополнителната доза од вакцината е „доволно силна против која било варијанта на коронавирусот”.

Британските медиуми пренесуваат дека истражувањето, исто така, покажало дека има помалку страв дека аденовирусите не можат да се користат повеќе од еднаш.

„Астра-Зенека” и Универзитетот во Оксфорд се уште не одговориле на барањето на Ројтерс за подобро разјаснување на резултатите од истражувањето, кое се уште не е официјално објавена, а „Фајненшл тајмс” пишува дека се уште не е познато кога Оксфорд и „Астра-Зенека” планираат да ја објават оваа информација.

Вакцината „Астра-Зенека” се темели на нова технологија што користи модифицирана верзија на аденовируси, кои предизвикуваат обична настинка, како вектори за пренесување на „упатства” до човечките клетки.

Заради ваквиот начин на дизајнирање вакцини, некои научници веруваат дека дозите би можеле да изгубат на својата ефикасност доколку станат годишни вакцинации неопходни во борбата против новите варијанти на коронавирусот.