ФБИ објави фотографии од напаѓачите на Конгресот, бара помош за нивно пронаоѓање

39

Федералното истражно биро (ФБИ) објави фотографии на дел од лицата кои во средата влегоа во Конгресот во обид да го спречат официјализирањето на изборните резултати според кои Џо Бајден е новиот претседател на САД. ФБИ се обрати до американската јавност да помогне и да ги пријави напаѓачите доколку ги забележи.

Дел од оние кои упаднаа во Конгресот веќе се уапсени. Меѓу нив е и 60 годишниот Ричард Барнет од Арканзас кој ја „окупираше“ канцеларијата на спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.

Барнет во канцеларијата на Пелоси, фотографија: АФП
Истрагата е обемна, а лицата по кои се трага може да бидат обвинети за низа дела за кои се предвидени долгогодипни затворски казни.

ФБИ пронашло пик ап полн со оружје близу Капитол Хил
Паралелно со потрагата по напаѓачите, надлежните институции ги истражуваат и останатите елементи од случувањата кои доведоа до упадот во Конгресот. Агенти на ФБИ пронашле пик ап со 11 домашно направени бомби, неколку пушки и автомати и многу муниција. Возилото кое било во сопственост на лице од Алабама било паркирано во непосредна близина на Конгресот. Бомбите биле тегли полни со бензин и стиропор кои, според ФБИ, требале да имаат ефект на напалм-бомби. Овој човек е обвинет за федерални кривични дела.

Додека траат истрагите за настаните од 6 јануари, американските безбедносни институции се подготвуваат за можен нов инцидент на денот на инаугурацијата на Џо Бајден.