Фетаи за згаснувањето на СЈО: Ниту животот застанува, ниту борбата за правда запира

6

Ниту животот застанува, ниту борбата за правда ќе запре, рече Фатиме Фетаи по денешното рочиште за „Монструм“ во врска со стапувањето во сила на новите одредби во Законот за Јавно Обвинителство со што практично згаснува поранешното Специјално Јавно Обвинителство (СЈО).

„Новите одредби се нова законска рамка што им дава и можности на обвинителите за заедничка борба против криминалот и корупцијата. Начините за н нивно користење зависат од обвинителите“, истакна Фетаи која беше дел од тимот на поранешното СЈО.

Покрај неа и поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, експонирана во јавноста беше и Ленче Ристоска, портпарол и застапник на повеќе обвиненија во предметите.

„Специјалното Јавно Обвинителство за мене беше симбол на борба за идеали, за борба за правда, за интегритет, за подобра иднина, за борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост. Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципиелно и однесување со интегритет“, напиша Ристоска на Фејсбук.