Филипче бара одговорност од организаторот на концертот на Грашо

5

Министерот за здравство Венко Филипче посочи на еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа и ги повика надлежните да реагираат и соодветно да ги санкционираат сите оние кои ги прекршуваат утврдените протоколи во борбата против коронавирусот.

Не можам да го премолчам еклатантното прекршување на протоколите на концертот на Петар Грашо во Хераклеа во Битола.

Комисијата за заразни болести и јас лично во текот на јуни имав неколку средби со организаторите на настани на кои заедно ги утврдивме сега веќе усвоените протоколи, а според кои меѓу другото, настаните се одржуваат единствено на отворено, со максимум 50% публика од предвидениот капацитет, задолжителна дистанца меѓу посетителите од 1,5 м, задолжително носење на маска и дезинфекција на раце и мерење на температура на влез за секој посетител.

Организаторот на настанот е должен да обезбеди задолжително присуство на редарска служба која ќе го контролира спроведувањето на протоколите и наведените мерки, со право да го отстрани секој посетител кој истите нема да ги почитува“, напиша Филипче на фејсбук.

„Грижата за колективното здравје е заедничка одговорност, која во овој случај треба да ја понесе организаторот на настанот.

Ги повикувам надлежните веднаш да реагираат и соодветно да ги санкционираат одговорните“, додаде тој.