Филипче: Дваесетгодишните се вакцинирале, зашто на пунктот веќе немало стари граѓани

12

Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за медиумите рече дека на некои пунктови се вакцинирани млади луѓе, на возраст меѓу 20 и 30 години, зашто на конкретниот пункт веќе немало возрасни граѓани над 70 години односно сите возрасни над 70 години таму веќе примиле вакцина.

Тој го промени ставот дека до 15 мај сите пријавени до 30 април ќе добијат термин за вакцинација, и рече дека помладите можеби ќе почекаат.

-Или утре или во понеделник сите пријавени ќе добијат термин. Се става акцент на новопријавените над 70 години па затоа можно е помладите нешто подолго да почекаат зашто сметаме дека постарите се приоритет за заштита. Во некои општини беа пријавени помал број постари граѓани, некои помлади го земаа нивниот термин. Помладите од 40 ќе почекаат. Помладите беа вакцинирани зашто во пунктот веќе била исцрпена бројката на постари граѓани, но со новопријавените пак ставаме приоритет на постарите, рече Филипче.

Засега вакцинираните граѓани нема да се ослободат од маската и таа останува задолжителна мерка и на отворено и на затворено. Во понеделник на Комисија за заразни болести ќе се разговара за тоа дали маските ќе останат важечка мерка за вакцинираните. Во САД веќе е донесена одлука граѓаните што примиле две дози вакцина, да не мора да носат маска на отворено.

-Многу граѓани во парковите не се придржуваат до мерката за носење маска. Лично сметам дека е рано да се ослободиме од маските зашто е потребен поголем опфат на вакцинација но во исто време ќе треба мерката да има и логика поради топлото време. Ќе разговараме во понеделник, најави Филипче. Рестрикциите во поглед на полицискиот час, односно неговото времетраење од полноќ до 4 часот наутро, според министерот треба да останат на сила барем уште една недела.

Според здравствените власти состојбата со пандемијата се стабилизира, а доминантен е британскиот сој на коронавирусот.

-Доминантен е британскиот сој. Граѓанин од Делчево бил заразен во март со јужноафриканскиот сој. Тој патувал во западноевропски земји, бил возач на камион. Поединечните случаи сепак се само поединечни и нема тенденција некој сој на вирусот да надвладее над британскиот сој. За да предоминира мора да е попренослив од британскиот, што не се случува ни со јужноафриканскиот сој ни со бразилскиот сој. Бранот спласнува без разлика што има и други поединечни случаи од други соеви на вирусот, рече Филипче.

Имунизацијата тече добро на сите пунктови во земјава, и во здравствените домови и во спортските центри. Досега се вакцинирани 150 илјади граѓани, а 30 илјади се ревакцинирани, со што бројот на администрирани дози е 180 илјади. Вчера пристигнаа 37 илјади дози вакцини од „Астра-Зенека“ преку Ковакс механизмот, кои ќе бидат наменети за граѓаните постари од 60 години. Денеска се очекува донација од кинеската армија од 100 илјади вакцини Синофарм. Акцентот според Националниот план за имунизација продолжува да се става на повозрасните граѓани. После 30 април, пријавени се 160 илјади граѓани. Околу 42 проценти од повозрасните од 70 години наскоро ќе бидат вакцинирани.