Филипче: Има два механизми за закажување за вакцина

27

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека има два механизми за закажување за вакцина, на гостувањето на ТВ 21.

Првиот механизам е преку матичниот лекар, кој ја испитува волјата. Вториот е страницата, која по внесување на матичниот број на граѓанинот го наоѓа неговото електронско досие во системот „Мој термин“ според алгоритамот на возраст, хронични болести итн.
– Ја дава приоретизацијата на граѓаните за вакцинација и ги известува матичните лекари за да го известат граѓанинот. Близу 70% од здравствените работници изразиле интерес за вакцинација и тие ќе бидат први за вакцинација – вели Филипче.

Приоритет за вакцинација имаат лицата над 70 години.

Врз основа на хроничните болести на пациентите, според министерот, се прави список за известување за матичните лекари.
– Тие понатаму треба да ги известат своите пациенти и да ги прашаат дали сакаат да се вакцинираат и тој податок да се внесе во „Мој Термин“. Имав средба со претседателката на матичните лекари која искажа подготвеност да им укаже на колегите дека нивната улога во процесот е многу важна – потенцираше Филипче.

Тој констатира дека матичните лекари во еден дел имаат и административна работа.

– Тоа беше причина зошто уште на почеток, пред кризата, се зголеми капитациониот бод, што е сериозно финансиско зголемување. Почнавме и една реформа која, за жал, запре поради ковид-кризата, а со цел матичните лекари да можат да дадат екстра услуги. Целта беше да се вработи евентуално уште еден административен работник за матичните лекари целосно да им се посветат на своите пациенти – рече Филипче.

На прашањето зошто матичните лекари се вклучени во системот, Филипче рече дека сепак во крајниот повик треба да се направи разговор со земање мини анамнеза за моменталната здравствена состојба на пациентот, а тоа мора да биде од страна на матичниот лекар.