Филипче: Испишана првата пациентка од болница, нема новозаразени

5

Денеска нема новодијагностицирани пациенти. Првата пациентка веќе е дома, испишана е од болница, а снимките покажаа дека нема значителни последици на белите дробови. Пациентката на респираторната машина е во добра состојба, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче на редовната прес-конференција за коронавирусот.

Непроменета е состојбата на сите други 18 пациенти, 13 на Инфективната клиника во Скопје и на 5 пациенти во Дебар. Во овој момент се тестираат 7 пациенти, тројца од Дебар, двајца од Штип и двајца на Инфективната клиника, дошле од Австрија или од Германија.

Се проширува бројката на луѓе што ќе се тестираат. Очекуваме утре бројката на луѓето што треба да се тестираат да достигне и до 80.

Денеска се состана и Кризниот штаб на Владата. Кризната состојба во Дебар и Центар Жупа добро се спроведува, нема посериозни проблеми, нема нарушувања на јавниот ред и мир, владее исклучително висок степен на дисциплина и придржување кон мерките.

Клиниката за психијатрија ќе отвори телефонска линија за телефонска психолошка поддршка на родители, на лица во самоизолација и на граѓаните од Центар Жупа и Дебар.