Филипче: Неделава ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за КОВИД-пациенти

6

Министерството за здравство и трите најголеми приватни болници ќе соработуваат во борбата против КОВИД-19.

Како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче, и на хируршките клиники неделава ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за КОВИД-пациенти.

Во меѓувреме, бројката на заразени не стивнува. Последниот биланс покажува 1112 нови случаи и 24 починати лица.

Министерот сепак, уверува дека на скопските клиники засега има доволно кревети, а максимално е ангажиран и медицинскиот персонал. – Поставеноста на системот покажа дека добро функционира и дека дава резултати во поголем број оздравени пациенти и во доволен број слободни кревети, рече Филипче.

Капацитетите брзо се пополнуваат, но скоро воопшто не се чека за хоспитализација, не само на пациенти од Скопје, туку од секаде низ државата.

-Постигнат е договор со трите најголеми приватни болници и обезбеден е дополнителен капацитет од 100 кревети за третман на КОВИД пациенти. Станува збор за ресурси што државата ќе ги користи од приватните болници. Заеднички се договоривме тоа да биде болницата „Мала Богородица” – старата болница на „Систина” каде може да се сместат 100 пациенти. Целосно ќе бидат опремени од страна на сите приватни болници со нивен заеднички договор. Од таму ќе биде обезбеден и кадар и материјали. И за сето тоа соодветен надоместок согласно постојните закони ќе плаќа државата, потенцираше Филипче по средбата со сопствениците на „Систина”, „Жан Митрев” и „Ре-медика”.

Тие потврдија дека се подготвени да помогнат и да максимално да излезат во пресрет за добро на граѓаните.