Филипче неколку дена знаел за скандалозното породување во Битола и не презел ништо

37

Еден од суспендираните лекари гинеколози е Гоце Чакаровски, поранешен заменик-министер за здравство и национален координатор за здравство во владата на Зоран Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче од пред неколку дена знаел за скандалот во битолската болница каде гинеколог ѝ дозволил на својата сопруга, која не била вработена таму, да породи жена со царски рез. Но, до вчера додека скандалот не беше објавен во медиумите не презел ништо во врска со овој случај.

– Не сум го слушнал докторот Чакароски. Немав контакт во врска со ова прашање. Нѐ информираше директорката дека има ваков случај во текот на изминатата недела а вчера излезе во медиуми – рече министерот Филипче одговарајќи на новинарско прашање.

Тој додаде дека ќе го чека официјалниот извештај за да даде став за ова прашање.

Денеска во битолската болница инспектори вршат увид и се чека нивниот наод по што Министерството ќе се изјасни какви мерки ќе преземе.

Вчера беше објавено дека се суспендирани двајца гинеколози, откако еден од нив си ја повикал сопругата која е невработен гинеколог, странски државјанин, да учествува во породување со царски рез. Еден од суспендираните лекари гинеколози е Гоце Чакаровски, поранешен заменик-министер за здравство и национален координатор за здравство во владата на Зоран Заев.

Скандалот се случил во почетокот на јануари, кога помладиот од гинеколозите ја внел сопругата во родилната сала. Двајцата вработени гинеколози биле во салата, но наводно работата ѝ ја препуштиле на сопругата на помладиот гинеколог. По ова еден од вработените во Гинекологија се јавил во полиција и го пријавил случајот.