Филипче: Од новозаразените 4 се здравствени работници од Дебар, ве молам седете дома

18

Денеска имаме пет нови случаи од кои 4 се здравствени работници од приватна здравствена установа во Дебар. Со ова вкупно во земјава има вкупно заболени 31 лице. Позитивен е тестот и на сопругата на пациентот кај кого утрово беше дијагностициран вирусот, рече во вечерашново обраќање министерот за здравство, Венко Филипче.

„Од утре во болницата во Дебар ќе престојуваат уште двајца доктори пулмолози од Скопје. Здравствените работници се најекспонираните лица, но мора да направиме сè за да ги заштитиме. Нивниот труд и улога во овој момент е непроценлива“, рече вечерва Филипче.

Министерот го повтори апелот сите да седат дома и да ги почитуваат правилата препорачани од Светската здравствена организација.

Во однос на процените за ширењето на епидемијата во земјава, Филипче рече дека е најважно пикот на бројката на заболени да не дојде нагло.

„Очекуваме тоа кај нас да биде благо, да не доведе до посериозна и нагла оптовареност на здравствениот систем, за да можеме соодветно да примиме одреден број пациенти. Колку е пикот поостар, толку поголеми проблеми ќе имаме“, рече министерот.