Филипче: Славењето може да почека, здравјето не

17

Состојбата со короната е стабилна, но и натаму е многу критична со оглед на бројот на заболени и хоспитализирани. Слободни кревети има во континуитет, а факторот на преносливост е под еден по извесен период. Но, тоа не треба да не опушти и не смееме да си дозволиме еден поинаков пристап доведе до влошување на ситуацијата, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче кој заедно со премиерот Зоран Заев порачаа годинава одговорно да се празнува.

На заедничката прес-конференција на која ја промовираа кампањата „Празнувај одговорно“, министерот Филипче соопшти дека во просек минатата недела се лекувале 1300-1400 пациенти и оти бројот на слободни болнички кревети е константен и има околу 150 на ниво на држава секој ден.

Со цел да не ескалира состојбата, новите мерки на Комисијата за заразни болести се ограничување на работата на угостителските објекти до 18 часот, забрана за организирање новогодишни настани на плоштадите, забрана за организирање предновогодишни прослави од страна на компаниите, укажување на верските заедници да не повикуваат на масовни собири за време на престојните верски празници. Останува и препораката да нема собири дома и во викендичките и се апелира до граѓаните да го ограничат движењето по 18 часот доколку немаат неодложна потреба.