Филипче смени 7 директори на клиники, меѓу кои и на кардиологија, детска клиника и Институтот во Козле

249

Доктор Суад Зејнел од Клиниката за пулмологија ќе биде нов директор на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, а д-р Башким Османи ќе раководи со Клиниката за ревматологија. Д-р Зејнел и д-р Османи доаѓаат на местата на д-р Арбен Љабеништа и д-р Филип Гучев кои досега раководеа со овие клиники, соопшти Министерството за здравство.

Министерството најави дека до крајот на неделата ќе бидат именувани нови директори и во Центарот за јавно здравје, Клиниката за кардиологја, Клиниката за токсикологија, Клиниката за детски болести, како и Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле. Тоа значи дека ќе се разрешат д-р Александар Стојанов, д-р Жан Зимбаков, д-р Нагип Зумбери, д-р Наташа Алулоска и д-р Ангелчо Андоновски. Д-р Стојанов летово беше назначен за в. д. директор на Центарот, откако министерот за здравство Венко Филипче го разреши Арбен Зибери, „поради пласирање на неточни изјави во јавноста со што директно наштети на угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, доведувајќи го во прашање кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот“.

На 19 октомври, д-р Далип Јахја беше назначен за нов директор на Клиниката за ортопедија, откако претходниот директор д-р Виктор Камнар се повлече од раководната позиција поради лични причини. Клиниката за ортопедија е дел од Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Директор на ТОАРИЛУЦ е д-р Александар Трајановски, специјалист ортопед од истата клиника. Претходно, директор на ТОАРИЛУЦ беше Илир Хасани, кој како претставник на ДУИ стана заменик министер за здравство.