Филипче: Со сопственото однесување и одговорност придонесуваме за побрзо завршување на овој трет, досега најсилен бран

38

Од денеска почнуваат нови рестриктивни мерки кои ќе важат следните две недели. Целта е да се заштити здравјето на граѓаните и здравствениот систем. Во изминатиот период имаше огромен наплив на пациенти во болниците. Интервениравме со ангажирање дополнителни одделенија, инсталирање кислород, екстра кадар по системот на ротација и успеавме добро да го одржиме здравствениот систем и за секој пациент да се обезбеди болнички кревет.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека сега сме во период кога е навистина оптоварен здравствениот систем, а пред нас се празници.

– Имајќи го предвид искуството од минатата година кога ваквите празници конкретно рамазанските пости и Велигден во истиот период, сериозно ја искомплицираа и ја усложнија епидемиолошката ситуација, сметаме дека доколку тоа сега се случи со веќе оптоварен здравствен систем, тоа ќе биде кризна ситуација што тешко ќе се менаџира. Тоа е причината за воведувањето дополнителни рестриктивни мерки со цел овој трет и досега најсилен бран на Ковид-19 на некој начин забрзано да го завршиме. Верувам дека граѓаните ќе се придржуваат до сите овие мерки. Мора да сме свесни дека со сопственото однесување, одговорност, носењето маска и одржувањето дистанца придонесуваме за што пократко време да заврши и овој бран, рече Филипче.

Посочи дека во салата „Борис Трајковски” почна имунизацијата на населението, конкретно на вработени во критичната инфраструктура.

– Вчера се вакцинирани близу 2 500 граѓани и продолжува оној систем на имунизација во сите здравствените домови ширум државата на возрасната категорија граѓани над 77 години. Како доаѓаат вакцините ќе се дополнуваат овие два системи, ќе се намалува возрасната граници. Возрасните граѓани ќе бидат повикувани преку матичните лекари, а преку системот на закажување и пријавување во институциите ќе се зголемува и бројот на граѓани кои ќе се вакцинираат во салата „Борис Трајковски”. Оптимумот, бројот кој сакаме да го постигнеме е да имаме околу 7000 вакцинирани граѓани на ден. Би можело тоа и да се зголеми, меѓутоа одиме чекор по чекор. Сепак ова е нов систем и сакаме добро да функционира. Вчера немаше никаков проблем и се надевам така ќе продолжи и во следниот период, додаде Филипче.