Филипче: Ќе бараме продолжување на вонредната состојба

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека на седницата на Советот за безбедност што треба да се одржи утре ќе се бара продолжување на вонредната состојба во државата за да има механизми за спроведување на препораките за заштита од ковид-19 во периодот што следи.

49

„Дел од мерките кои се препорачуваат важат за време на вонредна состојба“, рече Филипче на денешната прес-конференција.

Според него, сега сме во фаза на намалена инциденца, епидемијата е во фаза на смирување, под контрола е бројот на пациенти, односно во фаза кога се гледаат добрите ефекти од рестриктивните мерки, вклучувајќи ги и затворените граници и училипта и градинки.

Што се однесува до границите, Филипче најави дека почнуваат регионални состаноци со владите и институциите од регионот за координативен пристап за протоколите за побезбедно патување во текот на летото. За денеска, како што кажа е закажан разговор со грчкиот министер за здравство со кого ќе зборуваат за искуставата од досегашното менаџирање на кризата, подготовка на здравствените системи и за следниот период, и координација за отворање на границите и аеродромите.

„Од една страна некои земји бараат тестирање пред патување, други најавија дека нема да бараат. Ние за таа цел посебно, имајќи предвид дека може да бидеме многу оптеретени со патници кои транзитираат, но и наши граѓани кои сакаат да патуваат, вклучително и странци, во таа смисла ќе размислуваме и за алтернатива за карантините, доколку се одлучи на таква работа“, изјави Филипче.

Времето кога тоа ќе започне, според него, ќе произлезе токму од овие состаноци.

„Да имаме барем на ниво на регионот еден унифициран пристап, за да нема збрка и да не се бара една работа во една држава, па за друга во транзит нешто сосема друго, или на крајната дестинација повторно некое трето барање. Во таа смисла се координативните состаноци и верувам дека повеќе информации ќе имаме во текот на следната недела“, изјави Филипче.

Во однос на отворањето на градинките и скринингот на вработените во градинките, тој рече дека скринингот во градинките денеска и официјално е почнат, но додека не е сигурно дека вработените се негативни на тестовите нема да се носи одлука истите да се отворат.

На прес-конференцијата тој информираше дека вчера се направени и финалните подготовки, а од денеска веќе се регрутирани вработените во градинките кои ќе бидат тестирани.

„Почнува скринингот во градинките, вчера се направија и финалните подготовки, денеска се регрутирани во градинките вработени кои ќе бидат тестирани, иако беше иницијално планирано тоа да биде во Центрите за јавно здравје со цел да се заштитат со оглед на тоа што се тоа здрави лица да не се мешаат со тие кои што се потенцијално заразени или со симптоми, а доаѓаат во Центрите за јавно здравје и тој процес ќе продолжи и понатаму, сѐ додека не сме сигурни дека се целосно здрави односно брисевите се негативни, нема да носиме одлука да градинките се отворат“, рече Филипче.

Според Филипче, отворањето на градинките сѐ уште претставува ризик, затоа што станува збор за сензитивна група, односно за малите деца.

„Тоа претставува ризик, меѓутоа не е само брис како брис податок за вработените, туку и многу други податоци во однос на околината, семејството, условите и контактите во кои што живеат тие. Значи нема да им биде земен само брис, туку ќе се направи соодветна епидемиолошка анкета, ќе се откријат асимптоматските носители и тоа е целта во сите ризични групи кои сега ги таргетираме во смисла на ваков пристап со таргетиран скрининг. Ризик постои и откако би се отвориле градинките, и свесни сме за тоа, меѓутоа станува збор за исклучително сензитивна група, за малите деца и сметам дека од тука треба да се почне и сепак ќе добиеме некои податоци“, рече Филипче во одговор на прашање.

Прашан колку време ќе трае скринингот, одговори дека според сегашната проценка на капацитетите, скринингот би траел десетина дена, меѓутоа ќе се анализира како ќе се одвива скринингот следните денови, а ќе ја имаат и предвид можноста да го надградат капацитетот на тестовите. Градинките, како што рече, мора да се отворат во исто време.

„Градинките мора да се отворат во исто време, затоа што тоа е битно и за враќање на граѓаните на работа. Не може да отвораме една по една градинка. Според сегашната проценка на капцитетите негде десетина дена би требало да трае скринингот, имајќи го предвид вкупниот број на вработени во градинките, меѓутоа еве во следните недели може и да да го надградуваме капцитетот на тестови во смисла на распоред по повеќе лаборатории. Нека почне денеска па следните денови ќе видиме. Мислам дека имаме сериозни шанси да го зголемиме бројот на тестови кои би се правеле во текот на еден ден па да заврши и за кратко време“, додаде Филипче.

Што се однесува до евентуалните казни за неносење маски Филипче вели дека инсистира да се почитуваат мерките и апелира до сите институции за контрола и санкции тоа да го прават.