Филипче: 14-дневна изолација за патници од Велика Британија

21

Ова е препораката што Комисијата за заразни болести ќе ја достави до Владата, вели македонскиот министер за здравство.

Комисијата за заразни болести утрово ја разгледувала заканата од новиот сој на корона вирусот кој е регистриран во Велика Британија, а се појавил и во Холандија, Данска и Австралија, но според последните податоци и во Италија и Јужна Африка.

„Утрово имавме состанок. Препорака на Комисијата за заразни болести е сите патници кои доаѓаат од Велика Британија да бидат упатени на задолжителен карантин од 14 дена“, изјави за ДВ министерот за здравство, Венко Филипче.

Засега не се размислува за суспензија на летовите од, и до островот.

Ако Владата денеска ја усвои препораката на Комисијата за заразни болести, тогаш во 14 дневен карантин први ќе заминат патниците кои утре напладне ќе пристигнат од Лондон на скопскиот аеродром. До трети јануари во Скопје треба да има уште два лета од Лондон.

VUI-202012/01 (Variant Under Investigation, year 2020, month 12, variant 01) е името што научниците го дадоа на новата мутација на коронавирусот Сарс-КоВ-2, кој од вчера предизвика континуиран бран на затворање на границите во Европа за воздушните врски со Велика Британија. Тој е причината поради која најмалку 16 милиони луѓе во Југоисточна Англија, вклучувајќи го и Лондон, се во карантин.