Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во знакот на Земјата

23

Осмиот филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ преку кој ученици од земјава и 12 други земји ќе одржат креативни работилници, едукативни содржини, детски и младински филмови ќе биде отворен вечер од 19 часот во Кинотеката со проекција на италијанскиот филм „Мојот брат брка диносауруси“.

Фестивалот ќе трае до 30 септември, ќе учествуваат 300 деца, а најголемиот дел од програмата ќе се одвива онлајн преку платформата „youth.mk“.

Според извршниот директор на „Џифони Македонија“, Дарко Башевски, овој фестивал веќе осум години е место каде што се презентираат актуелните филмови за деца и млади, но и место за дискусија за проблемите на младите, средби со познати личности и место за дружење на младите од целиот град, од целата земја и од десетина до 12 земји од Европа секоја година.

Новата дигитална младинска платформа „youth.mk“ преку која ќе се одржува Фестивалот е создадена благодарение на поддршката на мисијата ОБСЕ во Скопје, и е наменета на младите љубители на филмска уметност.

Платформата ќе биде и место каде што ќе се објавуваат аудио-визуелни креации, прилози, туторијали на младите македонски и странски автори. Истата ќе им овозможи на учесниците директно да се вклучуваат во работилниците и другите онлајн настани и да имаат интерактивни средби со гостите.

-Околу 300 ученици година од соновно и средно образование, на возраст од 11 до 19 години од земјава и од 12 други земји ќе се дружат преку оваа платформа на која ќе се презентира богатата понуда на филмови. На фестивалот ќе бидат прикажани 16 играни филмови и 35 кратки филмови кои ќе се натпреваруваат во три категории за играни филмови и 4 категории за кратки филмови, рече Башевски.

Темата на „Џифони Македонија 2020“ е Земја (Earth) како дел од тригодишниот циклус посветен на животната средина.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија – Џифони Експириенс, Министерство за култура и туризам на Италија, Министерство за надворешни работи на Италија и Амбасадата на Италија во Македонија.