Финансиската полиција поднесе претставка до ЈО за извршениот претрес во нејзините простории

0

Управата за финансиска полиција информира дека до јавниот обвинител поднела претставка во врска со претресот што истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал минатата недела го извршиле во просториите на институцијата по наредба издадена од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје, врз основа на претходно доставено барање Обвинителството.

Како што соопшти денеска Управата за финансиска полиција, на истражителите од ОЈО за гонење на организиран криминал на 18 јули им бил дозволен непречен пристап во просториите на Управата, како и непречено извршување на наредбата, иако нејзината содржина, како што се тврди, не ги исполнувала формалните и материјалните-суштински основи за да биде издадена.

Според Управата за финансиска полиција, со наведените дејствија е нанесена голема штета на угледот на институцијата, на сите нејзини вработени и на угледот и интегритетот на нејзиниот директор, како и „намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем и рушење на темелите на една правна држава“.

– Видно од наредбата воопшто не е јасно по кои индиции и докази се водел подносителот на барањето за наредба за претрес, а воедно и судијата кој што таквата наредба ја издал. Наведеното упатува на тоа дека при издавањето на наредбата, од страна на судијата на претходна постапка запазена е само формата, но не и суштината за да се издаде наредба за примена на ваква инвазивна мерка, каква што е претресот, се наведува меѓу другото во соопштението од Управата.