Финска потврди: Сакаме во НАТО и тоа без одложување

13

Финска потврди дека сака да влезе во НАТО.

Претседателот Саули Ниинисто рече дека Финска, која дели проблематично минато и граница долга 1.300 километри со Русија, мора да поднесе барање за членство во НАТО и тоа „без одложување“. Ова е голема промена во политиката поттикната од руската инвазија на Украина.

Во заедничката изјава со премиерката Сана Марин се вели: „Се надеваме дека чекорите што треба да се преземат за да се донесе оваа одлука брзо ќе бидат решени во следните неколку дена“.

Руската инвазија на Украина ги турна Финска и Шведска на работ на поднесување барање за членство во НАТО и откажување од верувањето кое со децении постоело дека мирот најдобро се одржува доколку јавно не се бираат страни.

Откако Русија го анектираше Крим во 2014 година, Финска ја засили соработката со НАТО. Но, досега нема аплицирано за членство за да ги задржи добрите односи со својот источен сосед.

Русија предупреди дека ќе распореди нуклеарно оружје и хиперсонични ракети во Калининград, нејзината енклава на балтичкиот брег, доколку Финска и Шведска одлучат да се приклучат на НАТО.