(ФОТО) Скандал на чешкиот министер за здравство, ги прекршил епидемиолошките мерки

6

Чешкиот премиер Андреј Бабиш го повика во петокот министерот за здравство Роман Примула да си поднесе оставка или ќе биде отповикан од функцијата,а повикот доаѓа откако утринава чешките медиуми објавија фотографии на кои се гледа како министерот Примула седи до доцните вечерни часови во ресторан со заменик шефот на партијата АНО, Јарослав Фалтинка, а потоа излегува од ресторанот без притоа да носи маска.

Во целата држава на сила е вонредна ситуација во која сите ресторани, продавници, трговски центри се затворени поради пандемијата на коронавирусот, а маските се задолжителни и на отворени простори.

„Ова е за мене апсолутен шок!!! Не разбирам како е можно во ситуација кога бараме од граѓаните да ги почитуваат правилата, бараме да носат маски дури и надвор, им го отежнуваме животот со тоа што ги затвораме рестораните и продавниците, ги ограничуваме слободно да се движат, притоа да не се следат тие правила. Од таа причина побарав од министерот Примула да си даде оставка и доколку не го стори тоа, ќе го отповикам“, изјави утринава премиерот Бабиш веднаш по фотографиите во чешкиот весник Блеск.

Додаде дека оставка побарал и од заменик претседателот на АНО, Јарослав Фалтинка.

„Доколку јавноста бара моја оставка, тоа ќе го направам“, порача министерот за здравство Роман Примула во изјава за чешките медиуми притоа признавајќи дека на состанокот во ресторанот не се носеле маски, но дека тема на средбата било натамошното справување со коронавирусот во земјата.

За денеска попладне е најавена средба на премиерот Бабиш со претседателот Милош Земан кој според Уставот по барање на владата може да го отповика министерот.

Чешка се соочува со по 15.000 случаи на коронаинфекции дневно и е меѓу водечките земји во Европа. Владата најави изградба на нова болница за заболените, а како поддршка на здравствениот персонал е најавена помош во лекарски тим од НАТО.