Франција воведе здравствена вонредна состојба

17

Франција воведе здравствена вонредна состојба со цел да им се дадат повеќе привилегии на властите во носењето на новите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.

Поради недостиг на кворум за време на седницата на Националното собрание во вторникот, вонредната состојба беше воведена само до 14 декември. Сепак, гласањето повторно се одржа вчера и вонредната состојба беше продолжена до 16 февруари.

Двомесечната вонредна состојба поради пандемијата, која беше прогласена во март на два месеца, беше обновена на 17 октомври со указ на владата.

Тоа на владата ѝ дава моќ да ограничи одредени права на граѓаните низ целата земја или во одредени региони.

Франција се наоѓа и во делумен карантин кој ќе трае до крајот на ноември.

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека земјата ќе биде повторно под карантин и дека луѓето ќе може да излегуваат од дома за извршување на неопходните обврски.

Луѓето може да одат на работа, да одат на лекар, а училиштата засега ќе останат отворени. Но, приватни собири ќе бидат забранети, а рестораните и баровите нема да работат.

Макрон рече дека граѓаните треба да пополнат формулар во кој ќе ги наведат причините зошто ги напуштаат домовите, како што тоа се правеше за време на првиот карантин во март.

Во Франција во моментов бројките на нови случаи на ковид-19 се највисоки од април досега.

Макрон рече дека земјата е зафатена од втор бран на вирусот и нема сомнежи дека справувањето ќе биде потешко отколку со првиот бран.