Француската Влада забрани ТикТок и Нетфликс за сите службеници во јавната управа

11

Француската Влада денеска им забрани на сите државни службеници инсталирање и користење на апликации за забава како што се социјалната мрежа ТикТок, американската стриминг платформа Нетфликс или играта Кенди креш.

Неименувани соработници на министерот за јавна администрација Станислас Гуерини истакнаа дека тие апликации носат „ризици во однос на кибер безбедноста и заштитата на податоците на јавните службеници и администрацијата“.

Забраната ќе важи за службените телефони на 2,5 милиони вработени во државната администрација, но не и за нивните лични уреди.

ТикТок е на удар на властите во неколку земји поради стравувањата дека корисничките податоци од апликацијата, во сопственост на кинеската компанија „Бајт денс“ (Byte Dance), би можеле да завршат во рацете на властите во Пекинг, што може да ги поткопа безбедносните интереси на Западот.

Франција за ТикТок го следеше примерот на САД, Канада, Велика Британија или Белгија, но ја прошири забраната на сите апликации за забава, без оглед на тоа кој ги поседува.