Француската премиерка посочи на стабилност во националниот енергетски сектор

2

 

Француската премиерка, Елизабет Борн, изјави дека е уверена во стабилноста на францускиот енергетски сектор, благодарение на зголеменото производство на електрична енергија од нуклеарните централи во земјата и намалената потрошувачка последните седмици.

Премиерката Борн за радиото „Франција Инфо” исто така оптимистички изјави дека во првите месеци на годината ќе дојде до намалување на инфлацијата, посочувајќи дека Владата ќе продолжи со плановите да ги заштити целните потрошувачи и бизнисите од зголемувањето на цените на електричната енергија до крајот на 2023 година.

Таа ги потврди намерите да им помогне на француските пекари да се справат со зголемените сметки за енергија, преку одложено плаќање на даноците, наведувајќи и како можност државата да ги покрие трошоците за првите месеци од годината.

Шефот на францускиот енергетски регулатор „Сеј-Ер-Е“ (CRE), Емануел Варгон, минатата седмица рече дека нема ризици во снабдувањето со електрична енергија во земјата, барем до средината на јануари бидејќи домаќинствата и бизнисите ги послушале апелите за намалување на потрошувачката.

Владата постави цел да ја намали потрошувачката на енергија во Франција за десет отсто до 2024 година во однос на онаа од 2019 година. Тоа е дел од поширок план што предвидува исклучување на дел осветлувањето и намалување на термостатите во зима, за да се избегне прекин во снабдувањето со електрична енергија и на гас, како последица од војната во Украина.

Францускиот оператор за електрична енергија „Ер-Te-E“ (RTE) неодамна соопшти дека потрошувачката на електрична енергија во земјата изминатите четири седмици паднала за 8,7 отсто во споредба со просекот за периодот од 2014 до 2019 година.