ФТ: Четвртиот владин пакет не ја врати довербата кај инвеститорите

20

Анализата на Фајненс тинк покажува дека пазарот негативно го оцени првиот пакет мерки, но и дека оптимистички реагираше на вториот, докажувајќи дека формата и големината на мерките беше соодветна за поттикнување на економијата. Инвеститорите беа резервирани по објавите на третиот и четвртиот пакет мерки, веројатно затоа што веќе ја имаа вградено информацијата за ниската реализација на мерките од претходните два пакета.

Фајненс тинк направи своја анализа на четирите пакети економски мерки чија цел е ублажување на економските загуби предизвикани од ковид – кризата. Организацијата наведува дека е рано за целосна оценка, но дека може генерално, преку пазарот на капитал, да се увидат перцепцијата и реакцијата на инвеститорите на економските мерки, како и според движењата на приносите на компаниите кои котираат на Македонската берза.

Анализата покажува дека пазарот негативно го оцени првиот пакет мерки, но и дека оптимистички реагираше на вториот, докажувајќи дека формата и големината на мерките беше соодветна за поттикнување на економијата.

Според оваа организација, инвеститорите беа резервирани по објавите на третиот и четвртиот пакет мерки, веројатно затоа што веќе ја имаа вградено информацијата за ниската реализација на мерките од претходните два пакета.

И македонската економија не остана имуна на ударот од пандемијата, па така бруто домашниот производ во вториот квартал од годинава падна за 12.7% со што се оствари проекцијата на Фајнанс тинк од април. Најголем пад се случи во индустријата и трговијата, транспортот и угостителството со 25.3 проценти и 23.4 отсто.

Владата дизајнираше и имплементираше четири пакети мерки кои целеа да ги ублажат загубите на доход и зголемувањето на невработеноста. Првиот владин пакет не само што не успеа да го подигне сентиментот на пазарот, туку го продолжи неговиот пад. Ниту банкарскиот сектор не беше имун на ударот од пандемијата покрај смирувачките пораки од Народната банка за стабилноста на финансискиот систем, наведува Фајнанс тинк.

Мерките пак, од вториот пакет, насочен кон консолидација на компаниите, е оценет како соодветен зашто ги зголеми влоговите на пазарот на капитал и ја вреднува перспективата на компаниите и банките.

Иако немаше реакција на третиот пакет мерки, ваквите мерки беа потребни за стимулирање на побарувачката во одредени сектори. За ваквите мерки да го зголемат оптимизмот на пазарот, потребен е поголем опфат и износ, смета организацијата.

Четвртиот пакет економски мерки, со сличностите во споредба со вториот пакет, докажува дека пазарот брзо учи и ја вградува ниската реализација во своите очекувања. Пазарот останува резервиран во однос на секоја најава на мерки поради ниската реализација, иако иницијално позитивно реагираше на најавата на вториот пакет мерки. Секоја наредна најава на мерки ќе биде слично консумирана, се додека не се подигне процентот на реализација, наведува меѓу другото Фајнанс тинк.